На Меѓународниот аеродром Скопје од денеска се воведуваат привремени измени во протоколот на движење на патниците поради започнување на инфраструктурни зафати во рамките на објектот.
Како што пренесува 4news.mk, градежните работи се одвиваат на една од клучните точки во терминалната зграда, што може да влијае врз брзината на проток на луѓе.
„Меѓународниот аеродром Скопје ги известува сите патници дека од денеска, 21 мај 2026 година, се одвиваат градежни активности на пунктот за безбедносна проверка во терминалната зграда“, се вели во официјалното известување.
Поради овие зафати, менаџментот на аеродромот укажува на можноста од создавање поголеми гужви на безбедносните филтри и ги советува граѓаните соодветно да го планираат своето време.
„Поради изведувањето на овие активности, можно е да дојде до привремени ограничувања и побавна фреквенција на патници за време на безбедносната контрола. Со цел непречено одвивање на патувањата и избегнување на евентуални доцнења, од аеродромот упатуваат апел до сите патници да пристигнуваат на време, односно најмалку два часа пред закажаното време на полетување на нивните летови.“
Од аеродромските служби однапред се извинуваат за евентуалните непријатности при чекирањето на летовите додека трае модернизацијата на просторот.
„Надлежните служби им се заблагодаруваат на патниците за нивното трпение и разбирање во текот на овие активности“, стои во дописот до јавноста.


