Важно е да си ги знаете правата: Колку денови одмор ви следуваат по закон?
Секој работник има уставно и законско загарантирано право на одмор, но важно е да знаете колку денови ви следуваат и како може да ги искористите.
Работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена. Ова е напишано во членот 137 од Законот за работни односи, со потенцирање дека со колективен или договор за вработување може да се продолжи до 26 работни дена.
Годишниот одмор по правило може да се користи во текот на календарската година. Може да се користи и во два дела, со тоа што првиот дел мора да трае најмалку 12 работни денови. Остатокот треба да биде искористен до 30-ти јули следната година.
Годишниот одмор којшто не бил искористен во тековната календарска година заради отсутност поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го користи до 30 јуни идната календарска година.
Работникот кој за првпат заснова работен однос, се стекнува со правото на цел годишен одмор, кога ќе оствари непрекината работа од најмалку шест месеци, без оглед на тоа дали работникот работи полно работно време или пократко работно време од полното. Ова стои во член 139 од Законот за работни односи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа