Васко Наумовски: Бугарија на некој начин покажува дека не сака решение
Универзитетскиот професор, поранешен вицепремиер, амбасадор во САД и специјален пратеник во разговорите за името, Васко Наумовски во вечерашното гостување во „360 степени“ зборуваше за блокадата од Бугарија кон С Македонија на патот кон ЕУ. Тој не е оптимист дека до декември, до следното заседавање на Советот за општи работи на ЕУ, ќе има некакво решение.
„За дијалог секогаш треба да се даде шанса, но треба да обрнеме внимание со каква волја се одвива тој дијалог. За жал, во изминатите денови, недели, она што го слушаме од официјалните претставници на бугарската влада е еден излив на негативни чувства кон Македонија, кон македонскиот народ што се граничи со понижување и навреди. И мислам дека тоа не придонесува кон подобрување на шансите за успех. Тоа што е резултат на таквата реторика е и зајакнување на негативната реторика кон Бугарија кај нас. И доаѓаме до заклучокот дека со овие потези, Бугарија работи во корист на сопствена штета. И покажува на некој начин дека не сака да се дојде до решение барем во наредните неколку недели до декември“, рече Наумовски.
Тој додава дека треба да се разбере дека Бугарија е навлезена и во изборна кампања, за изборите кои треба кај нив да се случат кон крајот на март 2021 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа