Пратеничката Иванка Василевска, во својство на заменик-шефица, денеска и утре учествува на состанокот на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кој се одржува во Монако, во рамки на ротирачкото претседателство на оваа земја-членка со Комитетот на министрите на Советот на Европа.
Според информациите од собраниската прес-служба, на дневниот ред на состанокот се разгледува Нацрт-резолуцијата за насилството и говорот на омраза против политичарите како закана за демократијата. Пратениците ќе дебатираат и за промовирањето на демократската безбедност во Европа преку „мека моќ“, за состојбата на демократијата, човековите права и владеењето на правото во Иран, како и за зајакнувањето на слободата на изразување како императив за развојот и консолидацијата на демократските општества. Дополнително, ќе се разгледува продолжението на Резолуцијата за сеопфатен, праведен и траен мир за Украина и безбедноста на европскиот континент, како и продолжување на резолуцијата и препораките за зајакнување на односите помеѓу Советот на Европа и Латинска Америка.
Комисијата за политички прашања и демократија брои 85 членови, пропорционално распределени меѓу националните делегации, и се смета за клучен „политички мотор“ на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Таа ги оценува барањата за членство во Советот на Европа преку проверка на усогласеноста со демократските принципи, владеењето на правото и човековите права, предлага активности за нивно промовирање и ја испитува состојбата на демократијата и функционирањето на демократските институции во Европа. Исто така, Комисијата се занимава со геополитички прашања, надворешни односи и партнерства, вклучително и иницијативи за статус на „Партнер за демократија“ и активности за зајакнување на демократските процеси.
Во рамки на Комисијата, ќе се одржи и состанок на Поткомисијата за Западен Балкан, која се фокусира на политичките случувања, демократските процеси, регионалната соработка, безбедноста, стабилноста и перспективите за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

