Американскиот претседател Доналд Трамп им соопштил на своите соработници дека планира директен разговор со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, објави Аксиос, повикувајќи се на извори од администрацијата. Според нив, засега нема точен термин за разговорот, но неговата подготовка е во тек.

Еден од неименуваните функционери за Аксиос изјавил:
„Никој не планира да влезе во Венецуела, да го застрела Мадуро или да го киднапира. Не би рекол никогаш, но тоа не е планот во овој момент. Во меѓувреме, ќе ги дигнеме во воздух бродовите што превезуваат дрога. Ќе ја запреме трговијата со дрога“, додавајќи дека операциите се насочени кон пресекување на нарко-трафикингот, а не кон физичко елиминирање на Мадуро.

Американската воена операција „Јужно копје“ досега резултирала со најмалку 83 убиени лица во 21 ракетен напад врз бродови за кои се тврди дека превезувале дрога кон САД.

Друг функционер истакнал дека Вашингтон спроведува и „тајни операции“, но нагласил дека „тие не се наменети да го убијат Мадуро“.
„Меѓутоа, доколку Мадуро си замине, нема да пролееме солзи. Тој е нарко-терорист“, изјавил претставник од Белата куќа.

Во рамки на операцијата, Порторико го посети американскиот генерал Ден Кејн, опишан како „мозокот“ зад „Јужно копје“, каде што се распоредени околу 10.000 американски војници.

Паралелно, САД официјално го означија венецуелскиот „Картел де лос Солес“ како терористичка организација, наведувајќи дека Мадуро го предводи. Венецуелската влада остро го отфрли овој став, нарекувајќи го картелот „непостоечки“.

Exit mobile version