Со воведувањето на „Безбеден град“ за контрола на сообраќајот, бројот на сообраќајни незгоди е преполовен, а од почетокот на неговата официјална примена на 1 февруари нема жртви, посочи премиерот Христијан Мицкоски.
Оваа година, според Мицкоски, ќе биде година на воведување ред во сите општествени сфери вклучително и во сообраќајот. Мицкоски изрази уверување дека системот е одржлив и им се заблагодари на граѓаните што ги почитуваат правилата и возат побезбедно. Тој појасни дека бројката на прекршоци конкретно во Скопје сега е помала отколку во минатото кога имало организирани акции на МВР.
-Фактите покажуваат дека со проектот се вози многу повнимателно, намален е бројот на сообраќајни прекршоци, надежта е дека оваа година ќе се намалат бројките на сообраќајни незгоди, што повлекува и повредени и загинати, а тоа беше практично и клучната цел на овој проект и на неговата имплементација, рече Мицкоски.

