Вархеји: Благодарност до ЕП за усвојување на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан
Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји денеска му се заблагодари на Европскиот парламент за вчерашната одлука за усвојување на Регулативата за создавање на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан.
- Благодарност од Европскиот парламент за многу добрата соработка што доведе до усвојување на средствата за реформи и раст од шест милијарди евра, наведе Вархеји во објава на Икс.
Тој натаму посочува дека оваа претставува избалансиран договор за досега невидениот инструмент што ќе му помогне на Западниот Балкан „да расте побрзо и да се подготви за членство во ЕУ“
- Веднаш го ставивме во функција, додаде Вархеји во објавата.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Европскиот парламент вчера со 517 гласови „за“, 56 „против“ и 30 „воздржани“ го поддржа усвојувањето на Регулативата за создавање на Механизам за реформи и раст на Западниот Балкан, кој претставува финансиски инструмент за имплементација на Планот за раст на регионот.
Планот за раст на Западниот Балкан треба да се обезбеди економско зајакнување на земјите од регионот, поттикнување на нивните внатрешни реформи и привлекување на инвестиции, со што тие многу брзо ќе ги почувствуваат придобивките од приближувањето кон ЕУ, а во исто време може да доведе и до двојно зголемување на нивните економии во следните 10 години.
Во рамки на Механизмот за периодот од 2024 до 2027 година за земјите од Западниот Балкан се предвидени шест милијарди евра, од кои две милијарди евра неповратни грантови и четири милијарди евра позајмици под поволни услови. Од вкупната сума најмалку 800 милиони евра ќе бидат предвидени за Северна Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа