Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, упати остра реакција по поводот вандализирањето на просториите на КУД „Српски вез“ во градот.
Тој побара од надлежните истражни органи брзо да реагираат, да го утврдат идентитетот на сторителите и соодветно да ги санкционираат.
Димитриевски во својата реакција истакна дека Куманово останува град препознатлив по својата мултикултура и соживот.
„Најостро го осудувам вандализирањето на просториите на КУД „Српски вез“ во Куманово! Барам од органите на истрагата да го утврдат идентитетот на сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата“, изјави Димитриевски.
Градоначалникот потенцираше дека ваквите чинови го нарушуваат мирот и немаат ништо заедничко со љубовта кон сопствената земја.
„Куманово од секогаш бил град на мултикултура и соживот, таков и ќе остане, ваквите дејствија не се патриотизам туку чист шовинизам кој подгрева национална нетрпеливост против која се сите граѓани на Куманово“, порача Димитриевски.


