Ваљбон Лимани, новоизбраниот градоначалник на Општина Гостивар по повторените локални избори, од денеска официјално го започна својот четиригодишен мандат. На првиот работен ден во општината пристигна во придружба на потесното семејство – сопругата и трите ќерки.

Лимани беше придружуван и од претседателот на Советот на Општина Гостивар, Валдет Џафери, сопартијци и негови доскорешни соработници. Пред влезот во општинската зграда, новиот градоначалник беше пречекан од вработените, кои му честитаа за изборот.

Во обраќањето пред присутните, Лимани нагласи дека ќе продолжи со реализација на започнатите активности и со проектите што ги најави за време на изборната кампања. Тој истакна дека инфраструктурните работи ќе продолжат веднаш штом временските услови го дозволат тоа и потенцираше дека општината ќе биде отворена за сите граѓани.

„Сакам да им се заблагодарам на сите гостиварци и на оние кои гласаа, но и на оние кои не гласаа за мене. Ги уверувам сите дека јас, Советот и претседавачот заедно ќе работиме со посветеност за доброто на Гостивар. Од денес општина Гостивар е отворена за секого“, рече Лимани.

Тој најави дека започнатите проекти, меѓу кои проширувањето на булеварот „Браќа Ѓиноски“, изградбата на нов мост и реконструкциите на повеќе улици, ќе продолжат со реализација веднаш штом временските прилики дозволат работа на терен.

Лимани се осврна и на изборниот процес, посочувајќи дека во Гостивар траел подолг период, речиси пет месеци.

По потврдувањето на резултатите од Државната изборна комисија, Ваљбон Лимани освои 15.345 гласови, односно 64,5 проценти од излезените гласачи, а минатата недела му беше врачено уверението за градоначалник. На повторените избори негов противкандидат беше Невзат Бејта од коалицијата ВРЕДИ, кој доби 7.510 гласови.

Во првиот круг од локалните избори Лимани не беше избран поради слаба излезност, по што гласањето беше повторено.

Exit mobile version