Јавноста во Битола е вознемирена по информациите за објавен список со имиња на ученици за наводна ликвидација на социјалната мрежа ТикТок. Случајот е поврзан со ученик од седмо одделение во ОУ „Стив Наумов“, кој покрај имињата на соучениците, во објавата навел и точен датум за заканата.

Според информациите објавени од локалните медиуми и порталот „4News“, заканите се појавиле и во физичка форма на ливчиња во училиштето, што предизвикало итна реакција кај родителите. Тие тврдат дека ваквото однесување не е првпат забележано кај истиот ученик.

Од ОУ „Стив Наумов“ појаснуваат дека содржините не се објавувани во училиштето ниту за време на наставата, но дека веднаш се известени МВР, Центарот за социјални работи и Општина Битола. Директорот Никола Пискачев потврди дека е одржан состанок со стручните служби и родителите.

„Материјалите со кои располага училиштето се доставени до надлежните институции“, изјавил Пискачев, упатувајќи апел за смиреност и почитување на приватноста бидејќи станува збор за малолетници.

Неофицијално, ученикот привремено ќе следи настава онлајн, а според последните информации, неговите родители најавиле дека тој ќе биде префрлен во друго училиште.

Exit mobile version