Центарот на англискиот град Дерби синоќа беше место на застрашувачки инцидент откако црн автомобил „Сузуки Свифт“ влета во група пешаци. Според извештаите на британските медиуми, неколку лица се пренесени во болница со тешки повреди, а полицијата веќе приведе едно лице.
„Луѓе лежеа насекаде“ – Сведоштва од местото на настанот
Инцидентот се случил околу 21:30 часот на улицата „Фрајар Гејт“. Сведоци кои се нашле на местото веднаш по ударот опишуваат хаотични сцени.
„Беше многу страшно искуство. Стигнавме до аголот и имаше луѓе насекаде како лежат на земја. Не разбравме веднаш што се случило, а потоа полека почнавме да сфаќаме дека станува збор за нешто многу лошо“, изјавил сведок за локалниот весник „Дерби Телеграф“.
Брза акција на полицијата и апсење
Полицијата на округот Дербишир успеала да го запре возилото кратко по инцидентот. Возачот, маж на возраст од околу триесет години, е уапсен и се наоѓа во притвор.
„Нашата истрага е во рана фаза, но апелираме до секој што го видел црниот Сузуки Свифт како вози низ Дерби во времето на инцидентот да не контактира. Иако знаеме дека ова е вознемирувачко, сакаме да ја увериме јавноста дека не веруваме дека постои понатамошна опасност“, соопштија од полицијата.
Делот од градот каде што се случи несреќата останува затворен за сообраќај поради истрагата која е во тек.
Политички реакции
Локалните пратеници изразија шокираност од настанот. Пратеничката Кетрин Аткинсон изјави дека нејзините мисли се со повредените, додека пратеникот Баги Шанкер упати поддршка до семејствата на жртвите и им се заблагодари на службите за итни случаи за брзата реакција.

