Според податоците до 08:30 часот, минусни температури се измерени и во Крушево и Маврови Анови, каде се регистрирани –5 степени. Во Куманово се измерени –2 степени, додека –1 степен е измерен во Крива Паланка, Берово и Виница. Температурата на нула степени е регистрирана во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Охрид, Претор, Штип, Битола, Прилеп и Струмица. Во Кавадарци и Велес се измерени 1 степен, а најтопло утрово било во Гевгелија и Демир Капија со 2 степени Целзиусови.

Во изминатите 24 часа, заклучно со 7 часот утрово, најмногу врнежи се регистрирани во Маврови Анови, каде наврнале 39 литри на метар квадратен. Следуваат Пожаране со 26 литри, Охрид со 25, Крушево со 24 и Тетово со 17 литри на метар квадратен. Во Претор наврнале 16, а во Попова Шапка 14 литри. Помали количини врнежи се измерени и во Битола, Крива Паланка, Прилеп, Скопје, Струмица, Виница, Куманово и останатите делови од земјава.

Снежната покривка во Крушево изнесува 14 сантиметри, додека во Охрид и Ѓуриште е измерена висина од 5 сантиметри. Во Тетово и Берово снежната покривка е два сантиметри, а во Прилеп еден сантиметар.

Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено. Претпладне се очекуваат повремени локални врнежи од снег, кои во попладневните часови ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец. Максималните дневни температури ќе се движат од –1 до 5 степени Целзиусови.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и студено, со повремен слаб снег во претпладневните часови. Ќе дува умерен, а во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 3 степени.

Exit mobile version