Град Скопје утре и задутре ќе ја реализира новата фаза од авионскиот третман против возрасни комарци на подрачјето на главниот град.
Од градските власти соопштуваат дека акцијата ќе се спроведе доколку временските услови бидат поволни. Во случај на дожд или засилен ветер, прскањето ќе се одложи за првиот нареден ден кога ќе има соодветни услови, за што јавноста дополнително ќе биде известена.
„Град Скопје континуирано ги спроведува сите активности во согласност со законските прописи и стручните препораки, со цел намалување на популацијата на комарците и заштита на јавното здравје“, се наведува во соопштението од Градот.
Акцијата се спроведува согласно годишната програма за дезинсекција, Законот за заштита на населението од заразни болести и елаборатот изготвен од Центарот за јавно здравје – Скопје.
Од Градот потсетуваат дека сезонава веќе беа извршени повеќе третмани според утврдениот календар:
- Против ларви: авионски (на 7 мај, 11 јуни и 10 јули) и од земја (на 26 јуни и 23 јули).
- Против возрасни комарци: авионски (на 1-2 јуни и 27-28 јуни) и теренски од земја (на 18-20 јуни и 13-15 јули).
Градските власти упатуваат апел до сите пчелари навреме да ги преземат сите заштитни мерки за своите пчелни семејства за време на претстојното авионско прскање.


