Православните верници утре го одбележуваат денот посветен на Преподобната мајка Параскева, во народот познат како Петковден.
Света Петка била од словенско потекло, родена во градот Епиват. По смртта на нејзините родители, најголемиот дел од животот го минала во Јорданската пустина во пост и молитва. Се успокоила во 11-тиот век во родното место, а нејзините чудотворни мошти денес се наоѓаат во градот Јаши, Романија.
Во црковната традиција се одбележуваат три личности со истото име: Света Петка Епиватска (Трновска), Света Петка Римјанка (8 август) и Света Петка од Иконија (10 ноември).
Во македонската народна традиција Света Петка се почитува како заштитничка од несреќи и болести. Голем број семејства празникот го одбележуваат со домашна слава, а за нејзиното име се поврзани и повеќе лековити извори познати како Петочни води.
Утре именден празнуваат сите кои ги носат имињата Петко, Петкана, Параскева, Пенка и нивните изведени варијанти.


