Лидија Петкоска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница истакна дека податоците од ДЗС покажуваат дека 2024 година споредено со 2023 година, вкупниот број на туристи пораснал за 8%, потенцирајќи дека претставува значаен сигнал за потенцијалот на секторот.
„Токму затоа кога говориме за вториот ребаланс не треба да го гледаме туризмот изолирано од останатите сектори, бидејќи подобрата патна инфраструктура значи полесен пристап до туристичките центри, подобрата железничка поврзаност значи нови можности за движење на туристите. Инвестициите во животната средина значат почиста природа и позачувано културно наследство. Поддршката за малите бизниси значи нови сместувачки капацитети, нови локални ресторани, туристички водичи и семејни компании. А кога една општина има добар туристички производ, придобивките се чувствуваат и во продавниците, рестораните, такси превозот, занаетчиството, земјоделството и кај сите што продаваат домашни производи. Ова е особено важно за Охрид, но и за Струга, Преспа, Маврово, Крушево, Берово, Дојран и сите други места што имаат потенцијал да го развиваат туризмот. Ако сакаме да го искористиме тој потенцијал, мораме да инвестираме паметно, да ги мериме резултатите и да ја поврземе државната политика со потребите на туристичкиот сектор“, изјави Петкоска.
Петкоска додаде дека според податоците на Светска банка, во 2026 година Македонија се издвојува како една од најуспешните економии со низок и среден доход во Европа и централна Азија со раст од 40% на авионските пристигнувања во првиот квартал од 2026 година споредено со истиот период претходната година.


