Христијанскиот свет влегува во една од најзначајните седмици пред Велигден, која започнува со Лазарова сабота. Свети Григориј Палама во своите записи нагласува дека чудото над Лазар било јасен знак за божествената моќ на Христос над животот и смртта. Иако Лазар веќе го чувствувал мирисот на распаѓањето, тој застанал жив пред присутните по заповед на Божјиот Син.
Народните верувања на овој ден се поврзани со природата и заштитата на домот. Традицијата вели дека на овој ден се оди на река со пораката: „Колку далеку го фрлив овој камен, толку подалеку да биде змијата од мене!“. Цвеќето набрано на Лазарица се внесува во домот дури следниот ден, на Цветници, кога со водата во која стоело се замиваат домашните за здравје.
Цветници, пак, го означува триумфалното влегување на Исус во светиот град. Интересен е фактот што Исус избрал да јава на магаре, што теолозите го толкуваат како порака дека тој доаѓа како слуга на народот и носител на мирот, а не како воин на коњ. Овој празник, востановен уште во III век, на иконите е претставен токму преку овој чин на народно воодушевување и постилање на патот со палмови и врбови гранчиња.

