Утре е Благовец: Дупнете им ги ушите на децата, а тие што немаат деца треба да го направат ова на денот на сите мајки
Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, (или на 25 март според стариот) календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне…
Се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица…
Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, а со тоа е и денот на мајките, затоа што Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки.
Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.
Така што првото нешто што треба да го направите тоа утро – бакнете ја мајка ви!
На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.
Оние кои сакаат да имаат деца да одат во црквите и манастирите, кај иконите посветени на Благовештение и да се помолат.
Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца им ги дупат ушите за обетки. Се верувало дека Благовештение жените не треба да се чешлаат.
Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа