Уставниот суд бара информации од надлежните дали се спроведува одлуката за јавен превоз за сите средношколци
Во врска со извршувањето на одлуката У. бр. 81/2023-1, со која беа укинати делови од Законот за средното образование, во кој беше повреден принципот на еднаквост, при што се правеше разлика меѓу средношколците од јавното и приватното образование, Уставниот суд информира дека на работниот состанок одржан на 4 септември судот го задолжил генералниот секретар да се обрати до надлежните органи (МОН, Град Скопје и ЈСП) со цел да ги обезбеди неопходните податоци и информации во врска со извршувањето на одлуката за да подготви извештај и за одговорот да го информира судот.
„Во согласност со членот 86 од новиот акт, кој се применува од септември оваа година, Уставниот суд по службена должност го следи извршувањето на своите одлуки и може од секого да побара податоци и информации во врска со преземените мерки со цел извршување на одлуката.
Обврската за извршување на одлуките на Уставниот суд почнува да тече од денот на нивното објавување во „Службен весник“ и одлуките на Уставниот суд се извршуваат без одлагање, на што упатува член 85 од актот.
Дополнително, во согласност со член 90 од актот, Уставниот суд има можност по потреба, да побара од јавните органи да го обезбедат извршувањето на одлуката. Уставниот суд потсетува дека членот 91 овозможува врз основа нa претходно добиени податоци и известувања да донесе посебно решение, со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото кое не ја извршило одлуката на судот“, се истакнува во соопштението.
Додаваат дека во однос на прашањата дали некој се обратил до Уставниот суд да информира дека одлуката не се спроведува, информираат дека досега нема добиено таква претставка. „Барањето информации за спроведување на конкретната одлука се поведе по службена должност и по информациите во јавноста дека одлуката на Уставниот суд, која е донесена на 5 декември 2023 година, не се извршува“, информираат од Уставниот суд.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа