Уставната судијка Јадранка Дабовиќ Анастасовска поднесе оставка. Таа во образложението кое го доставила до Собранието вели дека оставката е поради лични причини, односно поради промени кои настанале во втората половина од годинава, а кои се од семејна природа.

-Вршењето на функцијата судија на Уставен судија во изминатиов период за мене беше голема чест и одговорност и се трудев функцијата во овој период да ја извршувам одговорно, со голема посветеност и максимално професионално. Но, како одговорен човек по настанатите непредвидени околности сметам дека нема да можам да работам на предмети со целиот свој капацитет, кои најчесто не се од мојата потесна професионална определба на која сум се усовршувала цели 40 години, пишува судијката Дабовиќ.
Таа го известува Собранието дека од први јануари се враќа на професорската позиција на правниот факултет при УКИМ.
Од Уставниот суд потврдија дека се информирани за поднесената оставка на судијката Дабовиќ Анастасовска.