Пожарот што избувна во туристичкото место Сивири на првиот крак на Халкидики предизвика голема евакуација на жители и туристи, при што крајбрежната стража и други пловни објекти спасуваа луѓе директно од плажите.
Пожарот во меѓувреме е ставен под контрола, но силниот ветер значително го отежнуваше неговото гаснење. Во огнената стихија евидентирана е материјална штета на куќи, како и на објекти од биолошкиот третман во подрачјето.
Масовна поморска спасувачка операција
Во големата спасувачка операција од плажата во Сивири биле спасени вкупно 481 лице. Во акцијата учествувале два брода на крајбрежната стража, два брода на противпожарната служба, три рибарски бродови, приватни пловила и еден глисер.
Од спасените лица, 285 биле транспортирани во Сани, додека 196 лица се качиле на бродот „Спидрунер Џет“, со кој биле безбедно пренесени до пристаништето во Солун. Во загрозената област и понатаму остануваат три брода на крајбрежната стража, два брода на противпожарната служба и приватни пловли како превентива. За време на тешките интервенции, полесно биле повредени двајца пожарникари.
Хотелиерите нудат итно сместување
Во меѓувреме, хотелиерите од Халкидики и Солун излегоа во пресрет и понудиле соби за лицата погодени од пожарот.
Во соработка со Министерството за туризам и Министерството за цивилна заштита, активирана е специјалната платформа на Грчката хотелска комора преку која се обезбедува привремено сместување. Претседателот на Здружението на хотелиери на Халкидики ги повикал своите колеги масовно да ги пријават слободните соби со цел да им се обезбеди сигурен прифат на сите евакуирани граѓани и туристи.


