Турција, Саудиска Арабија и Пакистан ќе создадат посебни политички и воени механизми во рамките на договорот за заедничка одбрана што трите земји го потпишаа минатата недела, соопшти турското Министерство за одбрана.

Од Министерството информираат дека новоформираните механизми ги опфаќаат министрите за одбрана, министрите за надворешни работи и воените раководства на трите држави. Договорот исто така предвидува спроведување заеднички воени вежби, како и продлабочување на соработката во одбранбената индустрија преку заедничко производство и размена на технологии.

Деталите на редовен неделен брифинг ги соопшти портпаролот на турското Министерство за одбрана, контраадмирал Зеки Актурк, пренесе турската телевизија „ТРТ Хабер“.

Трите земји на 7 август во Мека потпишаа договор за заедничка одбрана во услови на зголемена загриженост од ескалација на регионалниот конфликт и иранските ракетни напади врз извозниците на нафта од Персискиот Залив.

Според деталите од пактот, вооружен напад врз која било од земјите членки ќе се смета за напад врз сите нив, што е поставено на сличен принцип како клаузулата за колективна одбрана од Членот 5 на Северноатлантскиот договор (НАТО).

Exit mobile version