Поранешната прва личност на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, денеска беше прогласена за виновна во Основниот кривичен суд Скопје. Судот ѝ изрече единствена условна казна затвор од една година за две кривични дела – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, утврдувајќи дека нејзиното постапување директно го нарушило интегритетот на институцијата која треба да биде симбол на чесноста.
Судот ја прогласи Димитровска за виновна за оддавање службена тајна, за што ѝ утврди казна затвор од осум месеци, како и за компјутерски фалсификат, за што ѝ е утврдена казна затвор од шест месеци. За двете кривични дела изречена е една единствена казна затвор во времетраење од една година, која претставува алтернативна мерка – условна осуда и нема да се изврши доколку обвинетата во рок од две години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Во истиот предмет, Судот го прогласи за виновен ревизорот Миле Столевски за кривичното дело компјутерски фалсификат. Нему му е изречена алтернативна мерка условна осуда, со која му се утврдува казна затвор од шест месеци доколку во рок од две години не стори ново кривично дело.
Во образложението на пресудата, судечкиот совет наведе дека секое оддавање службена тајна ги парализира антикорупциските напори и му дава предност на осомниченото лице пред органите на прогонот.


