Климатските шокови сè повеќе ја поткопуваат глобалната економска стабилност, ги зголемуваат хуманитарните потреби и го интензивираат ризикот од нови раселувања, предупредува најновиот извештај на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР). Според документот, климатските катастрофи и вооружените конфликти меѓусебно се засилуваат, создавајќи затворен круг на кризи што ги погодува најранливите заедници во светот.

„Во изминатата деценија, катастрофите поврзани со временските услови предизвикаа внатрешно раселување на 250 милиони луѓе — повеќе од 70.000 дневно,“ се вели во извештајот.

Три четвртини од лицата раселени поради конфликти живеат во земји особено ранливи на климатските промени, како Јужен Судан, Чад, Етиопија, Кенија, Пакистан и Бразил — држави кои веќе се соочуваат со поплави, суши, екстремни горештини и недостиг на вода.

Во Африка, според УНХЦР, дури три четвртини од земјиштето е деградирано, а повеќе од половина од камп-прибежиштата се наоѓаат во подрачја под „сериозен еколошки стрес“ — со ограничен пристап до храна, вода и извори на приходи.

Извештајот открива и голема нерамнотежа во распределбата на средствата: земјите погодени од конфликти и климатски катастрофи добиваат само една четвртина од потребното климатско финансирање, додека најголемиот дел од глобалните фондови никогаш не стигнуваат до раселените заедници или нивните домаќини.

УНХЦР предупредува дека повеќето национални планови за климатски адаптации целосно ги игнорираат бегалците и внатрешно раселените лица, иако тие можат да бидат „моќни агенти на отпорност и обновување“.

„Решенијата се можни само ако овие луѓе се вклучени во националните климатски стратегии, поддржани со целни инвестиции и ако добијат глас во одлуките што ја определуваат нивната иднина,“ се нагласува во извештајот.

Според податоците на УНХЦР, во првата половина од 2025 година 1,2 милиони бегалци се вратиле во своите домови, а половина од нив се вратиле во региони особено подложни на климатски промени.

Агенцијата предупредува дека до 2040 година бројот на земји што ќе се соочуваат со екстремни климатски ризици може да порасне од три на 65, доколку не се преземат итни мерки за ублажување на последиците и заштита на ранливите заедници.

Exit mobile version