Унгарија влегува на телекомуникацискиот пазар: 4IG трет мобилен оператор во земјава?
Унгарската телекомуникациска групација 4iG изразила интерес да влезе на телекомуникацискиот пазар во земјава и да нуди мобилни и фиксни услуги. Ова го соопшти Министерството за транспорт и врски, по средбата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски со прeтседателот на унгарската групација Гелерт Жасзаи, пренесе Плусинфо
Групацијата, како што е соопштено, ќе ги анализира условите за влез на телекомуникацискиот пазар во земјава како дел од нејзината стратегија за проширување во земјите од Западен Балкан.
– Веруваме дека воспоставеното искуство на 4iG-групацијата во телекомуникациската индустрија, комбиниранo со нејзината стручност во регионални рамки, може ефикасно да се искористи и на македонскиот пазар. Оваа иницијатива ветува значителни придобивки за двете страни, а може да биде поволна, особено за граѓаните на Македонија, бидејќи и Македонија и 4iG- групацијата делат заедничка визија за поврзано и дигитално напредно општество – изјавил министерот Николоски.
4iG-групацијата е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ-систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенската и на одбранбената индустрија. Во 2022 година, 4iG-групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и во Албанија, преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE.
Под брендот ONE, подружниците на 4iG на Западен Балкан прават значителна трансформација. Со тоа, станува водечки бренд на пазарот на 5Г мобилни услуги во Црна Гора, додека ОNE – Албанија, формирана преку консолидирање на албанските телекомуникациски компании, станува врвен телекомуникациски провајдер во земјата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа