Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе се одржи настан на тема „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, на кој ќе бидат презентирани резултатите од анализа за предизвиците со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост, како и предлог-решенија поврзани со нивниот медицински третман.
Според собраниската прес-служба, настанот го организира Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, во соработка со „Зета – организација за попреченост и правда“, Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, „Порака“ – Неготино и „Еко – Живот“ – Кавадарци. Активноста е дел од проектот „Соочување со предизвиците и стигматизацијата“, насочен кон унапредување на здравствената заштита на лицата со попреченост на примарно, секундарно и терцијарно ниво.
Организаторите посочуваат дека спроведеното истражување на јавното мислење укажува на сериозни системски бариери со кои се соочуваат лицата со попреченост и нивните семејства. Тие предлагаат измени на Законот за здравствена заштита и Законот за социјална заштита како важен чекор кон надминување на постојните предизвици.

