Украина ги запре нападите со беспилотни летала врз танкерите за нафта во руското црноморско пристаниште Новоросијск, по барање упатено од американскиот потпретседател Џ.Д. Венс.

Информацијата првпат ја објави „Фајненшл тајмс“, кој се повикува на украински функционери, а ја пренесе „Ројтерс“.

Барањето било испратено минатиот месец поради загриженост во Вашингтон дека украинските напади предизвикуваат дестабилизација на глобалниот пазар на нафта и им нанесуваат штета на американските компании. Неименуван американски функционер потврди дека администрацијата на Доналд Трамп упатила предупредување до Киев да се воздржи од напади врз бродови во Црното Море кои не се во сопственост на Русија.

Главна цел на претходните напади беа танкери што превезуваат сурова нафта од Казахстан до терминалот на Конзорциумот за касписки гасовод (CPC) во Новоросијск.

Според договореното, Киев се согласи да не ја таргетира инфраструктурата на CPC или неруските бродови, под услов тие да не се под украински санкции и да не пренесуваат руска нафта или друг руски товар.

Украинските власти претходно ги интензивираа нападите врз руската енергетска инфраструктура, со образложение дека целта е да се намалат ресурсите со кои Москва ја финансира војната. Сепак, нападите со дронови во јули ги намалија испораките на нафта преку CPC за една петтина.

Ова намалување директно влијаеше врз продажбата на нафта од Казахстан, кој ја користи оваа рута за извоз, но и врз работењето на големите западни енергетски компании како „Шеврон“ и „Ексон Мобил“. Производството на нафта во Казахстан во јули забележа пад од 14 проценти во споредба со јуни.

Белата куќа, Стејт департментот и канцеларијата на потпретседателот Венс засега не одговорија на барањата за коментар.

Exit mobile version