Украина лансираше мобилна апликација за пронаоѓање исчезнати деца

 

Украина денеска лансираше мобилна апликација за помош во пронаоѓањето на децата кои исчезнале за време на повеќе од 13 месеци војна во таа земја, соопшти украинската полиција.

Според проценките на Киев, 19.544 деца биле депортирани во Русија за време на војната, а 328 од нив се вратиле во земјата, пренесува Скај Њуз.

 

„Тоа е еден од инструментите за наоѓање деца и спојување со нивните семејства. Ако на овој начин најдеме макар и едно дете или обединиме едно семејство, тоа е веќе победа, мала, но со секој чекор ќе можеме да ги враќаме децата дома, изјави заменик началникот на украинската полиција Олександр Фацевич.

Тој рече дека апликацијата е бесплатна за преземање и лесна за употреба.

Фацевич рече дека апликацијата ќе и овозможи на полицијата да собира повеќе податоци на безбеден начин, вклучително и од луѓе во Русија, Белорусија или територии контролирани од Русија кои сакаат да им помогнат на украинските деца.

Меѓународниот кривичен суд минатиот месец издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и руската комесарка за правата на децата Марија Лавова-Белова, обвинувајќи ги за киднапирање украински деца.

 

Москва, која контролира делови од источна и јужна Украина, ги отфрли обвинувањата за киднапирање на децата и рече дека тие биле однесени на безбедно заради нивна безбедност.

06.04.2023 - 23:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега