Управата за јавни приходи објави нов оглас за продажба на движен и недвижен имот преку електронска јавна аукција. Во понудата се вклучени деловни простори, дел од стан, патнички и товарни возила, како и различни видови индустриска и градежна опрема.

Според огласот број 09/2026, на продажба се нудат деловен простор од 31 квадратен метар во Прилеп, деловен простор од 108 квадратни метри во Струмица, како и идеална половина од стан со вкупна површина од 89 квадратни метри, односно 44,5 квадратни метри, во Битола.

Меѓу движните ствари се наоѓаат повеќе патнички и товарни возила, меѓу кои „Голф 3“, „Рено Трафик“, „Мерцедес-Бенц“, „Фолксваген Пасат“ и „Фиат Фиорино“, како и товарни возила од марките ДАФ, Ивеко и ТАМ.

На аукцијата ќе се продаваат и шивачки и текстилни машини, индустриска опрема, опрема за гориво, градежна механизација и вилушкари.

Заинтересираните лица што сакаат да учествуваат треба да креираат кориснички профил на официјалниот портал за електронски аукции на Управата за јавни приходи. Услов за учество е и уплата на депозит во висина од 10 проценти од утврдената вредност на предметот што се продава.

Крајниот рок за уплата на депозитот е 15 октомври 2026 година, додека електронското јавно наддавање е закажано за 22 октомври 2026 година, од 11 до 13 часот.

Сите детали за условите за учество, предметите што се продаваат и можностите за нивен увид се достапни на официјалниот портал e-aukcii.ujp.gov.mk.

Exit mobile version