Управата за јавни приходи (УЈП) соопшти дека интензивно работи на реализација на проектот е-Фактура и во моментов во тек е тестирањето на системот за електронско фактурирање, односно се тестираат сервисите за директна интеграција (API) со системот за е-Фактура.
УЈП ги повика сите компании кои досега не се вклучиле во тестирањето, а кои развиваат и одржуваат системи за фактурирање, како и компаниите кои користат системи за фактурирање што може да ги надградуваат, веднаш да се вклучат во тестирањето.
УЈП истакна дека вклучувањето во оваа фаза е од особено значење за навремена адаптација пред задолжителната имплементација на системот. Исто така, УЈП укажува дека исклучиво тие даваат официјални информации, насоки, известувања и организира обуки поврзани со проектот е-Фактура.
За поддршка на компаниите во процесот на имплементирање на системот е-Фактура, назначени се и даночни агенти вработени во Управата. Тие веќе контактираат со компаниите и даваат поддршка и совети за вклучување и понатамошно користење на системот е-Фактура.
УЈП апелира сите заинтересирани страни за системот е-Фактура своите прашања и сугестии да ги упатуваат кон Kontakt.eFaktura@ujp.gov.mk. Набргу ќе биде овозможено тестирање и на рачниот внес на фактури преку веб и клиентска апликација.

