Поради најавеното силно невреме со обилни врнежи од дожд, грмежи, локално интензивни снежни врнежи и на одредени места силни ветрови, Грција утре и задутре става пет региони во состојба на целосна мобилизација, т.н. „Red Code“. Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, утре ќе бидат затворени сите училишта, а наставата ќе се одвива онлајн, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката беше донесена по состанокот што денеска се одржа во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита, каде што беа разгледани сите метеоролошки прогнози и ризици. Црвениот аларм е активиран за регионите Атика, Пелопонез, Тесалија, како и за централна и северозападна Грција.

Со одлука на префектот на периферијата Атика, Никос Хардаљас, и по препорака на Комисијата за процена на опасности, цивилната заштита и Националната метеоролошка служба, утре превентивно ќе останат затворени сите државни и приватни основни и средни училишта на целата територија на Атика.

Од периферијата соопштија дека мерката е донесена со цел заштита на учениците и наставниот кадар, имајќи предвид дека од пладне се очекуваат интензивни врнежи од дожд со висока јачина, што може да создадат опасни услови при движењето од и кон училиштата.

Хардаљас посочи дека одлуката се темели на проценка на состојбата на инфраструктурата и потребата од превенција.

„Ги знаеме капацитетите и слабостите на старите инфраструктури и затоа избравме превентивен пристап, бидејќи одговорноста кон децата е јасна и не трпи ризик, а кога станува збор за нивната безбедност, должни сме да бидеме чекор понапред“, истакна Хардаљас.

Тој додаде дека најинтензивните временски појави се очекуваат по 12 часот напладне.

„Се очекува појавите да бидат особено интензивни по 12 часот напладне, со силни грмежи, силни ветрови и поголем обем вода отколку претходниот пат. Она што нè загрижува не е толку количината на дождот, колку неговата интензивност, многу вода за многу кратко време. Наставата нема да се загуби. Ја користиме онлајн наставата и ги ограничуваме движењата, особено во критичните часови на појавата на временските феномени, имајќи предвид дека само регионот Атика секојдневно реализира 1.910 превозни линии за над 32.000 ученици“, рече Хардаљас.

Паралелно со ова, целиот механизам на цивилната заштита во периферијата Атика е ставен во состојба на висока подготвеност.

Exit mobile version