Канцеларијата на Главниот обвинител во Истанбул денеска издаде наредба за апсење на 46 лица, вклучувајќи и 29 фудбалери, како дел од големата истрага за местење резултати на натпревари.

Според соопштението на Обвинителството, постои сомнеж дека 27 од фудбалерите се обложувале на натпревари во кои настапувале нивните тимови.

Меѓу осомничените е и Метехан Балтаџи, играч на актуелниот турски шампион Галатасарај. Обвинителството не го откри идентитетот на останатите 26 инволвирани фудбалери.

Играчот на другиот истанбулски гигант, Фенербахче, Мерт Хакан Јандаш, е осомничен за обложување на разни натпревари преку трето лице.

Обвинителството соопшти дека досега се уапсени 35 од 46 осомничени лица.

Наредба за апсење е издадена и за претседателите на два клуба од третата лига. Тие се осомничени за „обид да влијаат врз исходот“ на натпревар одигран меѓу нивните тимови во сезоната 2023/2024.

Оваа истрага не е прва во последниот период. Во почетокот на ноември, таа веќе доведе до апсење на шест фудбалски судии и претседателот на прволигашот Ејупспор.

Турската фудбалска федерација (ТФФ), со цел да го „исчисти“ фудбалот од нелегални активности, претходно суспендираше речиси 150 судии поради обложување. Дополнително, дваесет и пет фудбалери од првата лига и речиси 1.000 други од пониските лиги добија суспензии во временски период до дванаесет месеци.

Exit mobile version