Вооружен маж е уапсен во голф-клубот „Трамп Нешнл“ во округот Лос Анџелес, откако бил забележан како фотографира и снима видео на теренот, соопшти Канцеларијата на шерифот на округот Лос Анџелес.
Полицијата го пронашла возилото на осомничениот на паркингот од клубот.
При претресот кај него бил пронајден пиштол со куршум во цевката, рамка со 16 куршуми со експанзивна муниција, како и уште една наполнета рамка во самиот автомобил.
По апсењето, детективите извршиле претрес и во неговиот дом, каде што пронашле дополнително огнено оружје и повеќе тетратки со загрижувачки содржини, наведуваат властите.
Осомничениот е идентификуван како 38-годишниот Џанин Џон Тејл од Калифорнија.
Тој моментално е задржан со кауција од 250.000 долари, а неговото прво појавување пред суд е закажано за 26 август.
Против него е покренато обвинение и за поседување нерегистрирана пушка со скратена цевка, што е кривично дело за кое според американскиот закон е предвидена минимална затворска казна од десет години.
Инцидентот се случил само еден ден пред најавената посета на американскиот претседател Доналд Трамп на неговиот голф-комплекс во Ранчо Палос Вердес, каде што оваа недела треба да присуствува на настан на Републиканскиот национален комитет.
„Иако сè уште ги утврдуваме мотивите на осомничениот, благодарни сме што беше уапсен пред посетата на претседателот. Брзата реакција на федералните и локалните служби спречи ситуација што можеше да биде опасна“, изјави првиот заменик американски обвинител Бил Есајли.


