Царинската управа во јули годинава остварила рекордна месечна наплата на приходи од 14,14 милијарди денари, што е за 1,5 милијарди денари или 11,8 отсто повеќе во однос на истиот месец минатата година.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, оцени дека резултатите се показател за зголемената ефикасност на системот кој, како што вели, се гради во изминатите две години.

„Најзначајниот аспект на фактот што по четврти пат во последните две години ги надминуваме рекордите во наплатата на приходи не е само бројката, туку трендот што го покажува. Ова е доказ дека не станува збор за изолирани случаи, туку за резултат на ефикасноста на системот што го градевме“, изјави Николовски.

Од Царинската управа информираат дека растот на приходите во јули најмногу се должи на зголемениот увоз на опрема од Министерството за одбрана, поголемите набавки на нафта и нафтени деривати, како и зголемениот увоз на тутун и тутунски производи.

Од почетокот на годината до крајот на јули, Царинската управа остварила вкупни приходи од 80,5 милијарди денари, односно околу 1,3 милијарди евра. Според институцијата, тоа е за 87,6 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Николовски посочи дека целта е создавање модерен и ефикасен систем кој ќе обезбеди полнење на Буџетот, но истовремено ќе овозможи подобри услови за водење бизнис и поголема конкурентност на економијата.

„Нашата цел е јасна – безбедноста и полнењето на Буџетот да не ја кочат економијата, туку да одат паралелно преку модернизација и подобро управување со ризиците“, нагласи директорот на Царинската управа.

Exit mobile version