Уапсен лидерот на секта кој глумел Исус Христос: Имале свој град во Сибир, не смееле да користат пари, кафе или шеќер

Лидерот на озлогласената секта која брои илјадници членови бил уапсен во Сибир со уште двајца соучесници.

Сергеј Тороп, кој меѓу своите следбеници е познат како Визарион, во 1991-ва година ја основал „Црквата на последниот тестамент" во Сибирскиот регион Краснојарск, пренесува "BBC". 

Тројцата уапсени се осомничени и за изнудување пари и за нанесување на психички и физички повреди на своите следбеници.

Сергеј Тороп, Вадим Редкин и Владимир Ведерников се осомничени дека ја основале религиската организација "меѓу чии активности е и насилство над своите членови".

Руските истражувачи рекле дека ова трио земало пари од своите следбеници и дека психички и физички ги злоставувале.

Од основањето на сектата по падот на Советскиот сојуз, 59-годишниот Тороп, инаку поранешен полициски службеник, привлекол илјадници следбеници. Некои од нив верувале дека Тороп е всушност воскреснатиот Христос.

Следбениците на "Црквата на последниот тестамент" во 1995-та година основале своја населба позната под името Град на Сонцето, во регионот Курага. Неколку стотини луѓе живеат таму и во уште неколку населби во реигонот.

Руското министерство за правда во 2000-та година објавила дека сектата има 10.000 следбеници ширум светот.

Припадниците на Црквата на последниот тестамент не смеат да пушат, пијат или да користат пари, а мора да живеат во скромни услови. Исто така, не смеат да внесуваат месо, кафе, чај, шеќер, леб со квасец и житарки.

Следат учење кое се темели на комбинација од методите на руската православна црква и реинкарнацијата, а се подготвуваат за „неизбежната апокалипса".

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.09.2020 - 11:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа