Турција годинава е погодена од вкупно 53.262 земјотреси, што во просек изнесува околу шест земјотреси на секој час. Ова ја прави втора година со најмногу регистрирани потреси во земјата, веднаш по 2023 година, изјави професорот Булент Озмен од Универзитетот Гази во Анкара.

Според податоците што ги презентираше Озмен, во текот на 2025 година биле регистрирани 437 земјотреси со јачина поголема од 4 степени според Рихтеровата скала. Од нив, 412 биле со јачина меѓу 4 и 5 степени, 20 со јачина од 5 до 6, додека пет земјотреси достигнале јачина од 6 до 6,9 степени.

„Овие податоци покажуваат дека во Турција во просек секој ден се случува по еден земјотрес со јачина од 4 степени, на околу 15 дена земјотрес со јачина од 5 и повеќе, а на секои 73 дена потрес со јачина од 6 и повеќе степени“, изјави Озмен за агенцијата Анадолија.

Тој додаде дека тоа значи дека земјата во просек е погодена од околу шест земјотреси на час, односно приближно 146 дневно.

Exit mobile version