Адвокатот Владимир Туфегџиќ реагираше по одлуката Артан Груби да добие мерка 30 дневен куќен притвор со 24-часовен надзор.
-„Денешниот настан со Артан Груби прво го отвора прашањето дали како луѓе конечно ќе научиме нешто за сензационализмот, непотребното билдање и загревање на амбиентот за нешто што е извесно како бел ден дека ќе се случи и како меур спласнува на крајот на денот, вели адвокатот, објави Скопје1.мк.
Тој посочува дека ќе поддржи државен јавен обвинител кој ќе создаде праведен амбиент и ред што ќе важи подеднакво и за „големиот политичар во бегство“ и за „обичниот смртник кој, и да сака, нема каде да бега”: Праведен ред кој значи дека јавен обвинител не ја собира опашката брзајќи политичарот кој бил во бегство да не биде притворен, а истовремено истиот на малиот човек му покажува сила и мускули, вели тој.
Поранешниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците беше приведен вчера наутро на граничниот премин Блаце, по повеќе од една година помината во бегство.
– Денеска (23.2.2026) во 6:10 часот, на граничниот премин Блаце, при влез во државата, лишен од слобода е Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за спроведување истрага за кривично дело по член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1, а во врска со член 22 од Кривичниот законик – информираа од Министерството за внатрешни работи.
Груби се сомничи за проневера во „Државната лотарија“, каде заедно со Перпарим Бајрами е под истрага за наводен криминал тежок осум милиони евра, поврзан со набавка на ВЛТ-апарати.


