Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска од собраниската говорница ги демантираше тврдењата за кратење на земјоделските субвенции. Според него, новата Програма за директни плаќања има за цел воведување ред и правична распределба на државната помош.

Трипуновски појасни дека целта е поддршката да заврши кај вистинските земјоделци, а не да се користи ненаменски. Како клучна промена ги наведе зголемените минимални прагови за користење на субвенциите, кои ќе се воведуваат постепено.

„Поткревањето на праговите нема да се случи веднаш во првата година од воведувањето на Програмата, туку во наредните две години, направена е посебна мерка во Програмата и сите корисници кои не ги исполнуваат праговите ќе имаат период од максимум две години да ги исполнат и да влезат во повисока категорија“, истакна Трипуновски.

Министерот додаде дека со овој пристап се побиваат обвинувањата на опозицијата. Според него, „паѓа во вода манипулацијата на опозицијата дека ќе се намалат субвенциите за малите корисници и дека ќе останат без финансиска поддршка“.

Exit mobile version