Три милијарди луѓе во светот без услови за миење раце
Најновите податоци на УНИЦЕФ покажуваат дека околу три милијарди луѓе или 40 проценти од светската популација немаат домашни услови за одржуваат на основна хигиена со миење на рацете. Организацијата предупреди дека недостапноста до основната хигиена, како што е миењето на рацете, за милиони луѓе значи зголемен ризик од зараза со коронавирусот и други болести.
Според извештајот на УНИЦЕФ објавен по повод Светскиот ден на миењето на рацете, во најмалку развиените земји, речиси три четвртини од населението не може да ги мие рацете дома. Околу 43 проценти од училиштата во кои учат 818 милиони ученици немаат можност за миење на раце со вода и со сапун, а во најсиромашните земји процентот на училишта без место за миење раце се зголемува на дури 70 проценти, пренесува „УН Њуз“.
Извршната директорка на УНИЦЕФ за вода и хигиена, Кели Ен Најлор истакна дека пандемијата на ковид-19 укажа на клучната улога на хигиената на рацете во превенцијата на болестите и оцени дека е неприфатливо тоа што најранливите заедници не се во можност да ги користат наједноставните методи за заштита на животот.
Затоа УНИЦЕФ, заедно со Светската здравствена организација (СЗО), ја почна иницијативата „Хигиена на рацете за сите”, со цел да се подобри пристапот до места за миење раце, вода, сапун и средства за дезинфекција во сите средини.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа