Тренчевска: Жени и девојки бидете гласни и храбри, институциите се тука да ве поддржат

Жени и девојки, бидете гласни и храбри затоа што тоа е чекорот кон вистинската слобода, кон слободата на говорот, слободата на изборот, слободата на живеењето. Бидете гласни и храбри, а институциите се тука да ве слушнат и поддржат, порача министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на дводневната регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ, гласно и храбро ги поместуваме границите“ што се одржува во Скопје.

Министерката Тренчевска во поздравното обраќање даде осврт на реализираните активности во рамки на кампањата  „Гласна и храбра“, што се реализираше во текот на март.

-Поаѓајќи од тоа дека за правата и заштитата на правата на девојките и жените не треба да се зборува само еден ден во годината - 8 Март, заедно со мојот тим и вработените во Секторот за еднакви можности во Министерството, одлучивме цел месец март да го посветиме на подигнување на свеста за предизвиците со кои се соочуваат жените и девојките во нашето општество преку гласно и јавно зборување, рече Тренчевска.

Посочи дека преку кампањата на Министерството за труд и социјална политика „Гласна и храбра“  а со поддршка на Канцеларијата на UN Women во земјава, реализирани се бројни панел дискусии и работилници и разговарано е со различни целни групи.

- Нашата цел беше, непосредно низ разговор да ги слушнеме предизвиците на жените денес, да слушнеме кои се нивните потреби, приоритети и сугестии, а во насока истите да станат важен влог при креирањето на политиките, стратегиите, програмите и мерките за унапредување на квалитетот на живот на сите граѓаниистакна Тренчевска.

Таа се осврна и на досегашните законски решенија што се во насока на спречување и заштита од насилство и дискриминација, како и новиот Предлог закон за родова еднаквост, кој има за цел зајакнување на машинеријата за родова еднаквост и кој со воспоставувањето на Секретаријатот за родова еднаквост ќе обезбеди гаранција дека секоја владина политика ќе има родова перспектива.

Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на Претседателот на државата, истакна дека кога се зборува за Република Северна Македонија треба да се спомене дека во текот на 2021 година, подготвенa е Стратегија за родова еднаквост 2022 – 2027, врз чија основа е подготвен Национален акциски план 2022 – 2024 година, но дека е потребна доследна примена.

- Сите во својот домен, и лично и професионално, мораме да придонесеме кон искоренувањето на родовата нееднаквост. Промените за родова еднаквост потекнуваат од сите нас, и можат да се решаваат само со синергија помеѓу личната одговорност и институционалните стратешки политики. Родовата еднаквост е обврска на секој граѓанин за создавање општество во кое секое девојче може да смета дека во иднина ќе ги има истите можности за образование, вработување и квалитет на живот како и секое момче. Колку повеќе ние вложуваме во родовата еднаквост, толку повеќе ќе им овозможиме на идните генерации да наследат општество во кое стереотипите и системските бариери ќе се намалуваат, истакна Ѓоргиевска.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нагласи дека политиките на родова еднаквост, гледано на глобално и национално рамниште, станаа дел од низата нови законски решенија и други правни акти, наметнувајќи се и како примарни вредносни начела во темелот на демократскиот развој на општествата.

-Конкретно, низ призмата на родовата еднаквост, вклучително и околу принципот на застапеност на жената во полицискиот систем на МВР, направен е објективен и проверлив прогрес. Напредокот на имплементацијата од овој аспект секогаш може и треба да биде подинамичен, особено ако се има предвид дека се креирани сите потребни нормативни и професионални претпоставки, рече Спасовски, нагласувајќи дека токму во поглед на родовата рамноправност и правичната застапеност, во последниве неколку години многу работи се придвижиле во МВР.

Тој истакна дека од година во година се зголемува бројот на жени кои се на раководни позиции, не само во рамки на МВР, туку и во делот на работењето на Бирото за јавна безбедност.

Раководителка на канцеларијата UN Women во Северна Макендонија, Весна Ивановиќ Кастеред нагласи дека сите луѓе имаат право на слобода, достоинство и еднакви права.

-Жените во Европа, во регионот и целиот свет треба да уживаат еднаквост, зајакнување и безбедност, но за премногу жени овие права се уште не се реалност и никаде не може да се најде целосна еднаквост. Па дури ни во европските земји. Зошто е тоа така? Пред се сметам дека тоа се должи на длабоко вкоренетите родови стереотипи кои се провлекуваат низ времето и ги оптоваруваат следните генерации. Стереотипите раѓаат предрасуди кои водат кон дискриминација и даваат одраз на тоа како се третирани жените, свесно или несвесно, истакна Кастеред.

 

Министерството за труд и социјална политика како дел од кампањата „Гласна и храбра“, посветувајќи го месец март на менталното здравје и благосостојбата на жената како предуслов за родова еднаквост ја организира оваа дводневна регионална конференцијана на која учествуваат околу 40 панелисти од земјата и регионот, како Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Словенија, Косово, Србија. Присутни се и амбасадори, пратеници, претставници на бизнис заедницата, граѓанскиот и меѓународниот сектор, академици и други гости. 

30.03.2023 - 13:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега