Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница упати критики до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, барајќи објаснување зошто Владата упорно одбива да ја покачи минималната плата барем на 500 евра, во услови на драстично зголемени трошоци за живот.

Тренчевска посочи дека синдикалната потрошувачка кошница за само 15 месеци, од јули 2024 до септември 2025 година, е зголемена за 4.507 денари (од 60.570 на 65.077 денари), што ја прави моменталната минимална плата од 24.379 денари недоволна за опстанок.

„Кога ќе се пресмета односот меѓу минималната плата и синдикалната кошница, добиваме апсурдна формула: за да преживее едно семејство, денес му се потребни 2,66 минимални плати“, нагласи Тренчевска.

Минималецот е на ниво од 18.000 денари

Пратеничката го критикуваше министерот за неговата изјава дека минимална плата од 500 евра би предизвикала инфлација, нарекувајќи ја „апсурдна логика“ со која работниците се виновни за инфлацијата. Таа нагласи дека инфлацијата е веќе висока (7% кај храната), а реалната вредност на денешната минимална плата е околу 18.000 денари во однос на пред три години.

Тренчевска посочи дека земјите од регионот веќе го достигнуваат или најавуваат прагот од 500 евра (Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина), додека Владата во Буџетот за 2026 година не нуди јасен план за достигнување на овој праг, туку само најавува зголемување од околу 2.000 денари во март 2026 година.

Клучни прашања до министерот Дурмиши:

  1. Зошто Владата бега од темата за минималната плата и не нуди јасен план како и кога ќе се достигне прагот од 500 евра?
  2. На што е заснована најавата за „плус 2.000 денари“ во март 2026 година? Дали таа бројка е резултат на социјален дијалог или на примена на законската формула од 2022 година (50% раст на трошоците/50% раст на просечна плата)?
Exit mobile version