Тренчевска: Социјалниот дијалог со сите релевантни чинители е клучен за унапредување на работничките права

 

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска присуствуваше на дводневната национална работилница на тема „Обезбедување на одржлива иднина за индустриите за производство ан текстил, облека, кожа и обувки во Југоисточна Европа“, во организација на  Индустриал Европа. Работилницата е дел од проект финансиран од ЕУ кој се реализира во соработка со европските и националните социјални партнери во индустриите за текстил, облека, кожа и обувки во Бугарија, Хрватска, Северна Македонија, Романија и Србија.

Министерката Тренчевска рече унапредувањето на работничките права во изминатиот период бележи значителен прогрес, пред се благодарение на дијалогот со социјалните партнери во напорите да се постигне унапредување на состојбите во сите сегменти од областа на трудот.

„Преку спроведувањето на социјалниот дијалог на сите нивоа и во различни форми, преку работата на Економско-социјалниот совет како највисока институционална форма за промоција на трипартитниот социјален дијалог, интензивно работевме во изнаоѓање на соодветно решение за зголемување на минималната плата како и на измена на критериумите за усогласување на минималната плата, “ рече Тренчевска.

Министерката додаде дека преку зголемувањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, сума која е воедно и двојно покачување од минималната плата од онаа во 2016 година се создаваат услови за раст на платите и на другите вработени.

„По повеќе од 15 години од донесувањето на Законот за работните односи и повеќе од 20 измени и дополнувања на постојниот закон, Северна Македонија се наоѓа на прагот на усвојување нов Закон за работните односи, кој е во процес на изработка и усогласување помеѓу социјалните партнери. Со новиот закон се очекува да бидат адресирани повеќе значајни прашања поврзани со слободата на здружување и правото на колективно договарање како и  унапредување на правата на работниците кој ќе ги одразува потребите и на работниците и на работодавачите“ истакна Тренчевска.

Министерката им посака плоден дијалог на учесниците и порача дека дел од препораките ќе бидат вклучени во политиките и мерките кои ги води Владата и Министерството за труд и социјална политика.

11.05.2022 - 14:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега