Тренчевска: Повисоки плати за 15 отсто за носителите на дејноста во градинките

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешното гостување во утринската програма на „Телевизија 24“, зборуваше и за состојбите во градинките кои се поврзани со енергетската криза како и платите во градинките.

„Плата на вработените во градинките и плата на вработените во образованието преку дотации ги исплаќа Владата, односно оние во градинките ги исплаќа Министерството за труд и социјална политика, додека оние во образование ги исплаќа и Министерството за Образование и Наука. Детските градинки не се на индустриска струја, односно плаќаат струја како домаќинствата на регулиран пазар, значи сметките на градинките не се големи. Секој родител плаќа одредена сума за своето дете, тие пари одат на посебна сметка на градинките, односно во општините. Тие пари се за да можат да обезбедат храна како и за останатите трошоци кои произлегуваат од работењето на градинката“, изјави Тренчевска

Министерката истакна дека има пари за плати и материјални трошоци со економично трошење и со поголема посветеност од страна на градоначалниците. Министерката, исто така посочи дека наскоро ќе се отвори градинката во Волково, а додека од неодамна е отворена нова градинка во Кисела Вода со зголемени капацитети.

„Општините се проактивни и предлагаат проекти за изградба на нови градинки и проширување на постоечките со финансиски средства од Министерството преку капитални инвестиции во детските градинки. Правиме се за да се намалат листите на чекање. Досега имаме изградено 71 градинка, новите градинки се енергетски ефикасни, по сите европски и меѓународни стандарди со што заштедата на електричната енергија ќе биде голема“, рече Тренчевска

Таа посочи дека до крајот на годината се очекува да се отворат уште 13 градинки со што директно се одговара на предизвикот со кој се соочуваат родителите.

„Имаме одлична соработка со сите градоначалници. Која се потврдува со големиот број на состаноци со нив. Таа посочи дека детската заштита не трпи политика, затоа што секое дете заслужува да биде дел од јавните детски установи. Онаму каде што е прекршен законот, каде што не се постапува од страна на градинката согласно Законот за социјална заштита, тогаш преку инспекциски надзор се утврдуваат неправилностите и според решенијата од инспекторите постапува Министерството за труд и социјална политика“ изјави Тренчевска.

Таа дополни дека заедно со градоначалниците остануваат посветени во зголемување на капацитетите на градинките во општините. Во однос на блок дотациите таа посочи дека има пари во буџетот и дека платите редовно се исплаќаат и истите ќе бидат зголемени за 15%.

05.10.2022 - 13:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега