Тренчевска: Мартовска плата од најмалку 18.000 денари ќе земат 80 000 граѓани

 

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска ја посети модната конфекција „Милано“ во Штип, семеен бизнис започнат во 1996 година, кој денеска го води втората генерација од ова семејство.

Дел од вработените на конфекцијата „Милано“ земаат минимална плата и, како што информираат од Министерството, посетата била можност да се поразговара и со работодавачите и работниците за измените на Законот за минимална плата, кој предвидува зголемување на минималната плата од 18.000 денари и промена во критериумите.

-Како Влада цврсто стоиме на ставот дека трудот на работникот мора да се почитува и вреднува. Затоа што само задоволен работник е продуктивен работник. Ме радува тоа што на ова прашање сме на исти став со работодавачите. Затоа што продуктивноста на работникот, директно влијае на целокупната продуктивност на компанијата. Кога се отвори прашањето за зголемувањето на минималната плата, ставот на сите социјални партнери беше единствен. Дека минималната плата треба да се зголеми, истакнала министерката Тренчевска.

Додава дека 80.000 граѓани на 1 април ќе земат мартовска плата од најмалку 18.000 денари што е во просек за 45 евра повеќе приход за секој работник, како и дека разликата во придонесите во однос на зголемениот дел на нето минималната плата, државата дава финансиска поддршка до крајот на оваа година.

-Грижата за граѓаните е наш приоритет. Покрај растот на платите, веќе обезбедуваме субвенции за околу 130.000 граѓани кои веќе земаат повисоки плати во своите фирми, преку покривање на придонесите – за таа намена издвојуваме 48 милиони евра годишно, заклучи министерката

13.02.2022 - 12:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега