Граѓните од ден во ден живеат се полошо, животниот стандард континуирано се влошува, а последниот ребаланс на Буџетот ја потврди погрешната економска политикана ВМРО, нагласи потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, во интервјуто во „Вести Плус“ на телевизија Канал 5. Тренчевска посочи дека само во изминатите денови граѓаните се соочија со нови ценовни удари – поскапеа бензините и парното, а власта сè уште не донесе конкретни мерки за заштита на животниот стандард.
„Реалноста е дека граѓаните од ден во ден живеат сè полошо. Вчера имавме покачување на бензинот на 95 денари, на дизелот на 98,5 денари, покачување на парното за 6 проценти. Значи, постојано покачување, а никакви мерки нема за да се заштити животниот стандард на граѓаните“, изјави Тренчевска.
Таа укажа дека ребалансот на Буџетот е показател за насоката во која се движи државата. Како пример го посочи делот за Министерството за социјална политика и демографија.
„Ребалансот е огледало на тоа каде се движи државата. Со ребалансот имавме популистички изјави дека во Министерството за социјална политика и демографија се зголемува Буџетот за 2 милијарди, но ако направите анализа на ставките, ќе видите дека станува збор за лошо проектиран основен Буџет“, рече Тренчевска.
Притоа, Тренчевска предупреди дека исплатите за социјалните и детските права континуирано доцнат, а доцнат и исплатите за услугите за лицата со попреченост, и тоа со месеци.
„Сега се ставаат повеќе пари кај Министерството за социјална политика и демографија, затоа што секојдневно слушаме за неисплатени права од социјална и детска заштита. Ако претходно беше воспоставена една традиција да се исплаќаат најдоцна до 5-ти во месецот, денес и до 15-ти во месецот не се исплаќаат овие права. Социјалните услуги, личните асистенти на лицата со попреченост, имаат доцнење од 2 до 3 месеци“, изјави Тренчевска.
Потпретседателката на СДСМ посочи дека граѓаните овие две години со ВМРО на власт живеат сè полошо, а власта, наместо да преземе конкретни мерки и да постапи согласно законите, упатува само апели до големите синџири маркети.
„Ги молат приватните компании, трговците, да не ги зголемуваат маржите, наместо да се примени Законот за нефер трговски практики и да се казнат за тоа што маржите и цените одат нагоре“, посочи Тренчевска.
Таа додаде дека власта нема да го исполни проектираниот раст со ребалансот, за што, како што рече, потврда има и од Светска банка и од ММФ, а економската и социјалната состојба во државата ќе се влошува.
„Со ваквиот ребаланс, до крајот на годината ситуацијата ќе биде уште потешка за граѓаните“, рече Тренчевска.


