Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната седница за пратенички прашања, побара одговор од министерот за правда, Игор Филков, зошто реформите во правосудниот систем се целосно стагнирани и кој ќе понесе одговорност за блокадата во овој клучен сектор.
Тренчевска ја базираше својата критика на најновиот Извештај на Европската комисија (ЕК), кој, како што посочи, јасно нотира дека „нема напредок“ во судските реформи, а државата е оценета со „недоволен еден“ во поглавјето 23 (Темелни права и правосудство).
„ЕК јасно кажува – ’нема напредок.‘ Во поглавјето 23 ’Темелни права и правосудство‘ земјата е оценета со недоволен еден. Ова е оценката за владата која ветуваше ’правда‘, а испорача притисоци, блокади и институционален хаос“, рече Тренчевска.
Пратеничката нагласи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ за година и пол владеење не донела ниту еден закон од реформската агенда, што според неа, покажува дека целта на власта е контрола, а не реформа на правосудството.
Таа ги цитираше и најважните препораки од Брисел: донесување на Законот за парнична постапка со двотретинско мнозинство, спроведување на стратегијата за реформи и зајакнување на независноста на Судскиот совет.
Тренчевска го обвини министерот дека неговата работа не е да ја покрива неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, туку да ја штити независноста на судството, која е поткопана од постојаното мешање на извршната и законодавната власт.

