Вработени во Национални шуми од подружницата Голак од Делчево започнаа со активности за пошумување на опожарена површина на планината Голак, која во 2021 година беше зафатена од голем пожар.
Пошумувањето се реализира во рамки на Шумско-стопанската единица „Средна Обозна“, на локацијата викана Бозаковица, каде се опфатени вкупно 20 хектари површина. Територијата беше претходно целосно исчистена, подготвена за обнова и засадување на нови шумски насади, со што се создадоа услови за побрзо враќање на природната рамнотежа.
-Акцијата се спроведува со садници од багрем, јавор и јасен, кои се донација од Halkbank. Со оваа донација се овозможува побрза и поефикасна ревитализација на шумскиот појас, како и враќање на природната рамнотежа во овој предел на планината Голак, информираа од делчевската подружница на Национани шуми.
Пошумувањето, како што додаваат, е дел од долгорочниот план на подружницата за заштита и обнова на шумскиот фонд, а според најавите, активностите ќе продолжат и во наредниот период.
-Целта е не само целосна обнова на површините зафатени од пожарите, туку и создавање здрав и одржлив шумски екосистем кој ќе придонесе за зачувување на природните ресурси и подобрување на животната средина во регионот, се вели во информацијата.


