„Транспаренси Интернешнл“ констатира судир на интереси во работењето на Агенцијата за филм

 

Транспаренси Интернешнл Македонија констатира постоење судир на интереси во постапувањата на Агенцијата за филм при распределба на средства по конкурс за краткометражни и долгометражни филмови од 2022 година.

Износот на тие средства изнесува преку 4 милиони и 200 илјади евра.

„Утврдивме ситуација во која проекти поднеле две лица кои учествуваат во органите за одлучување, односно се рецензенти. Тие проекти биле повлечени дури откако Транспаренси Интернешнл започна постапка на мониторинг и анализа“, информира претседателката на Транспаренси Интернешнл Слаѓана Тасева на денешната прес-конференција.

Од тука констатираат дека Агенцијата за филм не обезбедила непристрасност и објективност кај сите учесници преку кои се спроведувал овој Конкурс, поради што се исполнети услови истиот да биде оценет како нелегитимен и незаконски.

Се препорачува Владата преку надлежното Министерство за култура да побара Агенцијата за филм откако ќе обезбеди непристрасност и објективност кај сите учесници преку кои се спроведуваат Конкурси, да го повтори предметниот конкурс.

Надлежните институции, пред се Владата која ги обезбедува средствата, надлежното Министерство за култура, Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија, да ги преиспитаат постапувањето и одлуките одлуките на Агенцијата за филм во овој конкурс и да преземат соодветни мерки во рамки на нивната надлежност. Понатаму се бара од Владата преку надлежното Министерство за култура и Агенцијата за филм да воспостават правила и процедура за проценка на ризиците од судирот на интереси како и назначување на лице за спроведување на систем за управување со истите. Владата преку надлежното Министерство за култура да воспостави спроведување на систем на санкции за непочитување на правилата со кои се управува судирот на интереси.

Во декември 2022 година Транспаренси Интернешнл прими пријава од граѓанин за сомневање околу легитимноста и законитоста на постапката во Агенцијата за филм за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм, објавен во јануари 2022 година во втор рок на одлучување.

Особено укажувањето од пријавителот се однесуваше на постоење на судир на интереси и нетранспарентна постапка во однос на селекцијата и изборот на кандидати и апликации во врска со конкурси објавени на веб-страната на Агенцијата.

14.03.2023 - 20:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега