Американскиот претседател Доналд Трамп со ироничен тон го опиша својот однос со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Киер Стармер, одговарајќи на новинарско прашање за актуелните релации со двајцата европски лидери.
На прашањето дали разговарал со Макрон и Стармер по неговата критика за британскиот договор околу архипелагот Чагос, Трамп рече дека не остварил директен контакт, но односите ги смета за добри:
– „Не, не разговарав со нив, но мислам дека многу добро се сложуваме. Секогаш се коректни кон мене. Малку стануваат поостри кога не сум во нивна близина, но кога сум тука, се однесуваат навистина убаво. И, знаете, ми се допаѓаат и двајцата“, изјави Трамп.
Изјавата доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Вашингтон и дел од европските сојузници, особено околу прашања поврзани со Гренланд, Чагос и трговските односи. Трамп во повеќе наврати јавно ги критикуваше европските влади, но истовремено нагласува дека личните односи со клучните лидери остануваат стабилни.

