Напнатоста во Иран дополнително се зголеми по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД се подготвени да интервенираат доколку иранските власти продолжат да „пукаат“ и „убиваат“ демонстранти. Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушл“ (Truth Social) порача дека САД „се подготвени да дејствуваат“.

На овие пораки остро реагираше секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Лариџани, кој предупреди дека секое мешање на САД во внатрешните работи на земјата ќе предизвика хаос во целиот регион и сериозно ќе ги загрози американските интереси. Тој ги обвини САД и Израел дека стојат зад поттикнувањето на бранoт демонстрации во Иран.

Во меѓувреме, израелската разузнавачка служба Мосад јавно им изрази поддршка на демонстрантите на 31 декември, повикувајќи ги да излезат на улиците и нагласувајќи дека „не се само од далечина или со зборови, туку се со вас на терен“.

Дополнително предупредување испрати и советникот на врховниот лидер Али Хамнеи, Али Шамхани, кој порача дека „секоја рака која ќе посегне премногу длабоко во безбедноста на Иран ќе биде отсечена“. Тој потсети дека иранскиот народ добро памети како завршиле минатите „американски интервенции“ во Ирак, Авганистан и Газа.

Протестите започнаа на 28 декември во Техеран, кога трговците излегоа на улиците поради рекордната девалвација на домашната валута риал и растечката инфлација. Во моментов, курсот изнесува околу 1,4 милиони риали за еден американски долар.

Набргу, демонстрациите прераснаа во масовни антивладини протести, во кои досега загинаа најмалку седум лица, а вчера се проширија и во внатрешноста на земјата. Ова се најголемите протести во Иран од 2022 година, кога почина 22-годишната Махса Амини, девојка со курдско потекло, по апсење од страна на моралната полиција за наводно непочитување на законот за задолжително носење шамија.

Иако претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, најави економски реформи и изрази подготвеност за дијалог, демонстрантите засега го игнорираат неговиот повик.

Exit mobile version