Американскиот претседател Доналд Трамп повторно влезе во остар судир со медиумите, откако со навредливи зборови ѝ се обрати на новинарка која го праша за неговите тврдења поврзани со неодамнешното пукање во Вашингтон, пренесува Индипендент.

Инцидентот се случи кога новинарката го доведе во прашање ставот на Трамп дека администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден не спровела соодветни безбедносни проверки за авганистанските државјани кои во 2021 година дошле во САД преку програмата Operation Allies Welcome.

Трамп ја прекинал новинарката и ја навредил, прашувајќи ја дали е „глупава личност“. Тој додал дека луѓето за кои зборува „дошле со авион заедно со илјадници други што не требало да бидат таму“.

Прашањето се однесувало на случајот со Рахманулах Лаканвал, осомничен за убиството на припадничката на Националната гарда, Сара Бекстром. Според властите, Лаканвал пристигнал во САД токму преку евакуациската програма по падот на Кабул.

Овој инцидент е само еден во низа судири на Трамп со новинарите. На 18 ноември, тој користел навредливи зборови и кон новинарката Катрин Луси од Блумберг, велејќи ѝ да „молчи“ кога се обидела да постави дополнително прашање во врска со случајот на Џефри Епштајн.

Настаните повторно ја отворија дебатата за односот на американскиот претседател кон медиумите и за употребата на навредлив речник во јавната комуникација.

Exit mobile version